Европа се соочува со „невидени ризици“ во испораки на природен гас оваа зима, откако Русија ги затвори повеќето гасоводи.
Истовремено, Стариот континент би можел да се најде во конкуренција со Азија за веќе оскудниот и скап течен гас што пристигнува со бродови, објави Меѓународната агенција за енергија, пренесе Асошиетед прес.
Во својот квартален извештај за пазарот на природен гас, објавен во понеделникот, Агенцијата објави дека земјите од Европската унија ќе мора да ја намалат употребата за 13% во зима во случај на целосно прекинување на испораките од Русија поради војната во Украина.
Голем дел од тоа намалување треба да дојде од однесувањето на потрошувачите, како што е намалувањето на термостатите за 1 степен и прилагодувањето на температурите на бојлерите, како и зачувувањето на индустриските и комуналните услуги, се вели во извештајот.
Во петокот, ЕУ се согласи да наметне најмалку 5% намалување на потрошувачката на електрична енергија за време на шпицот на цената.
Мало количество руски гас сè уште пристигнува низ гасоводи преку Украина до Словачка и преку Црното Море, Турција и Бугарија. Две други рути, под Балтичкото Море до Германија и преку Белорусија и Полска, се затворени.






