Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија не се согласуваат со најавата од премиерот Зоран Заев за бришење од учебниците и од спомениците на „бугарски“ пред „фашистички окупатор“, залагајќи се за формулацијата „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.
Бришењето на терминот за етничка припадност значи „искривување на историската вистина“, сметаат тие, посочувајќи дека денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациски зони – Западна Македонија окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, каде што живееле Евреите, кои „биле депортирани од бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот“.
„За да не дојде до погрешно учење на историјата, потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни погодени со историските случувања. Тоа значи наместо бришење на ‘бугарски’ да се додадат термините ‘тогашен’ и ‘власт’ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувале како ‘тогашните бугарски фашистички окупаторски власти’“, објаснуваат од Еврејската верска заедница и од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Тие сметаат дека денешната модерна и демократска Бугарија треба да го апсолвира фактот за своето минато според кој била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите. За да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е Софија јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија, додаваат двете организации на македонските Евреи.
„Ова наше барање се провлекува години наназад и, наместо да биде финализирано, сè повеќе се продлабочува. Се надеваме дека нема да дојде време кога ќе се побара од нас Евреите, кои со векови живееме на овие простори, да ја избришеме колективната меморија за постапките на ‘тогашните бугарски фашистички окупаторски власти’“, се вели во заедничката реакција на Еврејската верска заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.






