„ЕВН“, „ЕСМ“ или „ЕДС“ – Кој ќе ги снабдува домаќинствата со струја во наредните 5 години?

Јавниот повик за избор на нов Универзален, Владата го објави на 11 декември. Оној кој ќе биде избран улогата ќе ја преземе од јуни, а граѓаните и малите потрошувачи со струја ќе ги снабдува во следните 5години.



На повикот за избор на нов универзален снабдувач со струја се јавиле ЕВН Хоум, ЕСМ продажба и грчки ЕДС. Рокот за достава на понудите истече. Комисијата за евалуација сега треба да ги разгледа понудите и да види дали ги исполнуваат условите. Потоа ќе ја закаже електронската аукција. Таму услов ќе биде да се понуди профитна маржа пониска од досегашната на ЕВН која изнесува 11.5%.

Според вицепремиерот Битиќи, целта е преку намалената маржа да се намалат и сметките на граѓаните.

Пониската маржа која влегува во конечната цена за крајните корисници би требало да ги намали. Секако, ние правиме напори со сите инвестиции во обновливи извори на енергија, во трансформација кон зелената енергија да граѓаните добијат се пониски цени за електрична енергија како крајни корисници“ рече Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Меѓудругото, се бара и фирмите да имаат 40 милиони евра работен капитал, сума што е значително повисока за разлика од минатиот повик. Поради финансиските потешкотии, грчки ЕДС побарал поддршка од фирмата мајка ППЦ, која пак, го доби тендерот за Чебрен кој пропадна неодамна. Петгодишниот договор на ЕВН Хом истекнува на 30 јуни годинава. Поради тоа, минатиот месец Владата објави нов јавен повик.