Д-р Евгениј Поп Ацев, поранешен маратонски пливач на отворени води од Македонија, треба да биде примен во Меѓународната куќа на славните во маратонско пливање (IMSHOF) на церемонијата закажана за 18 мај 2024 година во Канкун, Мексико.
„Најголема чест и привилегија е да се биде во Куќата на славните на маратонското пливање, меѓу најголемите имиња во историјата на светското пливање. Посебно сум среќен и горд што правејќи го она што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија, придонесов и оставив белег во светот на маратонското пливање. Многу сум благодарен на IMSHOF за номинацијата, изборот и ова големо признание од една ваква голема светска организација, како и на сите кои беа дел од мојата пливачка кариера и ме поддржуваа во изминатите 20 години“, изјави македонската легенда во маратонското пливање.
Ацев, роден на 14 мај 1988 година во Скопје, се натпреваруваше во 106 трки во 21 земја за време на неговата кариера вод 2007 до 2021 година и освои три титули – две во Гран при серијата на ФИНА во 2015 и 2017 година и една во Серијата за ултрамаратонско пливање на ФИНА во 2019 година. Постојано настапувајќи на високо ниво, Ацев девет последователни години постигнуваше подиумски позиции во овие серии.
Има победено на маратони во шест земји, и тоа Капри – Неапол во 2016 година на 36 километри во Италија, потоа во Охрид 2015 на 33 км во Македонија, во Шабац 2005 на 19 км во Србија, во Велес 2019 на 10 км во Македонија, во Бачко Градиште 2010 на 10 км во Србија и во Ровињ 2012 на 5 км во Хрватска. Тој, исто така, се има искачено на подиумот во неколку други значајни маратони, вклучувајќи ги Санта-Фе Коронда 2018 година на 57 километри во Аргентина, Лак Сен Жан 2017 година на 32 км во Канада и Лак Магог 2014 година 34 км во Канада.





