Еурофарм Пелистер му врати на Вардар, но со кусок за пол-позицијата во плејофот (ВИДЕО)

Шампионот Еурофарм Пелистер имаше сè во своите раце, водеше и со девет гола разлика, за буквално во последните минути да му овозможи на ослабениот Вардар да избори пораз „само“ од 29:25, кој го доближува до првата позиција пред разигрувањето за титулата поради победата во Скопје од 30:25.



Вардарци, кои бараа одложување на дербито поради вироза во екипата, не можеа да сметаат на бековите Петриќ и Јасухира, во завршницата останаа и без Николиќ, но се вратија од 13:22 во 40. минута и уште по 8. коло направија голем исчекор до старт во плејофот со бод повеќе од лутиот ривал, ако остане вака до крајот на основниот дел од Суперлигата.

Потребната резултатска негатива ја обезбеди Ѓукиќ од контранапад неколку секунди до крајот, по додавањето од голманот Томовски, откако го одбрани ударот од Тајник во последниот напад на битолчани.

Токму Тајник беше најефикасен кај пелистерци со пет гола, еден повеќе од вардаровото трио Лазаревски, Срдановиќ и Родригес. Кубанското лево крило излезе џокер на тренерот Недановски, успешно пополнувајќи ја бековската линија по повредата на Николиќ, кога „црвено-црните“ се враќаа и се вратија од бездната во полната сала „Боро Чурлевски“.

Голот на Ѓукиќ во последните секунди на линкот:

https://www.facebook.com/reel/886948206327898