ЕУ за бугарските културни центри: Не се занимаваме со историја

Заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало во врска со отворањето на вториот бугарски културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид денеска порача дека ЕУ не се занимава со историјата.



„Знаеме дека кога првиот клуб беше отворен тоа предизвика реакции во земјата. Знаеме дека Северна Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историјата. Ние ја ставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред, а не да гледаме на работите од минатото“, рече Васало на брифинг со новинарите на прашање како ЕУ го коментира отворањето на бугарските културни центри и нивните имиња.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На 7 октомври е најавено отворањето на вториот културен центар во Охрид. Тој ќе го носи името „Цар Борис Трети“, кој е бугарски цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Во однос на уставните измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата, кои се потребни за Северна Македонија да започне со отворање на поглавјата на патот кон членството во ЕУ, Васало рече дека се работи за суверена одлука на државата, но Северна Македонија се обврзала дека тоа ќе го спроведе. Тој додаде дека се во постојан контакт со опозицијата и со ВМРО-ДПМНЕ која, како што рече, го поддржува европскиот пат на земјата.