Европски полицајци ќе ловат фалсификувани пасоши на Балканот, а ФРОНТЕКС, распореди свои луѓе на границата меѓу Косово и Албанија кои треба да им помагаат на косовските власти во борбата против криминалот и во откривањето на фалсификувани документи.
Изабела Виевиор од прес-канцеларијата на ФРОНТЕКС за Радио Слободна Европа изјави дека распоредувањето на нивните службеници на границите на земјите од Западен Балкан има за цел зајакнување на соработката со земјите надвор од Европската унија.
„ФРОНТЕКС моментно е присутна на границата меѓу Косово и Албанија…. Оваа операција се спроведува од крајот на февруари 2018 година. ФРОНТЕКС испрати двајца свои високи офицери за да им помогнат на локалните власти да откријат фалсификување документи“, изјави Виевиор.
Косово не е единствената земја во регионот каде што се наоѓаат полицајците на ФРОНТЕКС, тие се присутни и во Македонија, Србија и Црна Гора.
Околу 100 полицајци на ЕУ се распоредени во регионот. ЕУ донесе одлука да ги распореди своите полицајци на граничните премини на „бегалската рута“ кон земјите на Европската унија.





