Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Европскиот парламент предложи ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија и се залага за заеднички систем за набавка на енергија во ЕУ.
Шефицата на Европската комисија за време на дебатата за ескалацијата на руската агресија против Украина предупреди дека складиштата за гас ќе мора повторно да се полнат по зимата, нагласувајќи дека ЕУ „треба да има заеднички систем за набавка на енергија“. Таа го поздрави планот REPowerEU кој „забрзува кон енергетската независност“.
„Привремено решение“
„ЕУ е подготвена да зборува за ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија“, рече Фон дер Лајен пред европратениците.
Шефицата на ЕК рече дека ограничувањето на цената на гасот за производство на електрична енергија ќе биде „привремено решение до новиот европски индекс на цените“.
„Саботажата на гасоводот ја откри ранливоста на инфраструктурата“
Фон дер Лајен, исто така, предупреди дека е неопходно да се заштити енергетската инфраструктура на Европа.
„Саботажата на гасоводот „Северен тек“ покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура (…) Мораме да бидеме поподготвени, да спроведеме стрес-тестови на критичната инфраструктура, да користиме сателити за следење и откривање потенцијални закани“, рече фон дер Лајен.
Се преговара за осмиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на дебатата најави дека „Советот денеска треба да постигне договор за нови санкции против Русија“.
Енергетската зависност влијаеше на европската надворешна политика кон Русија, но тоа сега се менува, рече Борел.






