Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен призна дека имало пропусти на европско ниво во набавката на вакцината против коронавирус.
„Европската унија ги потцени компликациите што можат да се појават при производството на вакцината“, рече таа во интервју за германскиот „Зидојче цајтунг“.
Одговарајќи на критиките дека Унијата била премногу неодлучна при набавката на вакцините, Фон дер Лајен рече дека „една земја може да биде глисер, а ЕУ е повеќе товарен брод“…
Премногу се фокусиравме на прашањето дали ќе има вакцини, односно на нејзино производство, вели шефицата на ЕК според која „ние ги потценивме компликациите што можат да се појават“, при производството.
Според неа ЕК нарачала до 2,3 милијарди дози вакцини од 6 производители за 27 свои членови, но во моментов, компаниите испорачуваат помалку од очекуваното или ветеното.





