Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Стразбур најави дека следниот месец ќе ги претстави идеите за реформирање на Европската унија за да може да функционира со 30 или повеќе членки.
„Следниот месец Комисијата ќе ги претстави нашите идеи пред Европскиот парламент и Советот, пред лидерската дебата организирана од белгиското претседателство“, рече Фон дер Лајен во говорот пред претставниците на Европскиот парламент на пленарната сесија во Стразбур.
Таа рече дека по одлуката за отворање преговори со Украина и Молдавија и Босна и Херцеговина, кога ќе ги исполни бараните услови, Унијата почнала да работи на сопствени реформи за да може да функционира по проширувањето.
Европската унија потврди дека земјите од Западен Балкан треба да бидат членки како и Украина, Молдавија и Грузија.
Но, бидејќи на ЕУ и е тешко да одлучува и со денешните 27 членки, ќе биде уште потешко со 35, 36 членки.
„ Го одобривме кандидатскиот статус за Грузија и ја потврдивме нашата колективна посветеност на иднината во која сите шест земји од Западен Балкан ќе бидат дел од нашата Унија. Но, како во пракса ќе функционира Унијата со 30 и повеќе земји? Само ние, во рамките на Европската унија, можеме да одговориме на тоа прашање“, рече Фон дер Лајен.






