Европската унија ќе предложи создавање на нова агенција против перење пари (АМЛА) и нови правила за транспарентност за трансфер на крипто-валути.



На овој начин блокот има намера да одговори на повиците за поостри активности во борбата против валканите пари, пишува „Катимерини“.

Европа е под притисок да го засили спроведувањето на правилата за спречување на перење пари, откако неколку земји започнаа истрага од страна на Danske Bank за сомнителни трансакции вредни над 200 милијарди евра, кои поминале низ нејзината мала филијала во Естонија во периодот од 2007 до 2015 година.

Во отсуство на паневропско тело за спречување на перење пари, Брисел се потпира на националните регулатори за спроведување на нивните правила, но тие не секогаш соработуваат во целост.

„Перењето пари, финансирањето тероризам и организираниот криминал остануваат значајни прашања што треба да се решат на ниво на Европската унија“, ги цитира Ројтерс документите.