Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден ПИРИН бара институциите на ЕУ да се заинтересираат за масовното давање бугарски државјанства на лажни основи на жители на држави кои не се членки на Европската унија, со регистрирање на живеалишта и седишта на фирми на лажни адреси, со десетици и стотици луѓе и фирми на иста адреса.
По вчерашната стравична автобуска несреќа, исплива информацијата дека седиштето на компанијата превозник „Беса Транс“ според објавеното во медиумите е регистрирано во Ќустендил, на домашна адреса на возрасна жена заедно со уште 23 фирми.
Тоа значи дека сопственикот на „Беса Транс“ како и сопствениците на тие 23-те фирми се бугарски државјани со фиктивни адреси во Бугарија, велат од ОМО Илинден-Пирин.
Од ОМО потсетуваат дека повеќе пати биле објавувани информации за големи злоупотреби од страна на бугарски институции поврзани со давањето на државјанства особено во времето кога во власта беше ВМРО БНД чии лидери беа активно замешани во скандалите поврзани со давање државјанства.
Досега не е спроведена сериозна истрага, ниту е казнет некој. Ниту очекуваме тоа да се случи во Бугарија во која за 31 години демократија ниту еден корумпиран политичар не е осуден.





