Единството на Европската унија околу санкциите против Русија почна да попушта, бидејќи нервозата за влијанието врз економијата на Европа ја ослабува решеноста да се казни Москва за војната во Украина.
Лидерите на ЕУ во минатата недела се согласија на деветтиот пакет санкции, но разговорите беа жестоки, при што Полска и балтичките земји се во кампања за построги мерки, додека западните држави, како Германија, беа поколебливи.
Некои, како Белгија и Грција, како и Унгарија, која сè уште многу се потпира врз рускиот увоз на енергија, се воздржаа од понатамошните опсежни мерки, изјавија дипломати на ЕУ за Ројтерс.
„Станува сè потешко да се воведат санкции кои ја погодуваат Русија доволно силно, без прекумерна колатерална штета за ЕУ“, изјави претставник на белгиската влада пред договорот на самитот на лидерите на ЕУ.
Откако Русија ја нападна Украина во февруари, започнувајќи го најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, Европската унија покажа обединет фронт и одговори со брзи акции против Русија, невообичаено за блокот од 27 нации каде спротивставените гласови често ги претвораат дебатите во маратонски состаноци.
Веќе се воведени санкции за низа компании и руски поединци, додека прелетите на руски авиони се забранети, како и бизнисот со неколку руски банки. Но, наоѓањето заеднички јазик сега стана потешко.
По разговорите во минатата недела, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис го опиша последниот договор за санкции како „пропуштена шанса“, велејќи дека е разочарувачки што земјите од ЕУ потрошија повеќе време на разговори за исклучоците отколку за построгите чекори.
Целата анализа тука.





