Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Естонија, Јонатан Всевјов, изјави дека неговата земја одбила да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје бидејќи, како што рече, не сакале да учествуваат „во циркусот“.
Според Всевjов, Русија ги прекрши сите правила на ОБСЕ, ја поништи нејзината улога, го попречува функционирањето на оваа организација и ја блокираше кандидатурата на Естонија да претседава со Организацијата.
На прашањето што мисли за присуството на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Скопје, тој одговори дека „присуството на господинот Лавров на средбата не носи олеснување ниту за безбедноста, ниту за работата, туку ги отежнува работите и затоа решивме да не учествуваме во циркусот“, објасни естонскиот дипломат пред група новинари од Македонија и од Црна Гора, кои престојуваат во Естонија во студиска посета организирана од НАТО.






