По неколку недели интензивна сеизмичка активност, вукланот југозападен Исланд еруптираше вчера, соопшти државната метеоролошка служба.



Властите евакуираа речиси 4.000 жители на рибарскиот град Гриндавик и ја затворија блиската геотермална бања на островот Рејкјанес.

„Приоритет на владата ќе биде да ги заштити животите и инфраструктурата“, рече исландскиот претседател Гудни Т. Јоханесон по вулканската ерупција.

Цивилната заштита го затвори погоденото подрачје. Сега чекаме да видиме што ни подготвуваат силите на природата. Подготвени сме и претпазливи“, објави исландскиот претседател на социјалната мрежа Х.

Ерупцијата се случила на околу четири километри од рибарскиот град Гриндавик и недалеку од електрана.

Вулканолозите првично стравуваа дека ерупцијата претставува значителна закана и за градот и за геотермалната централа, но подоцнежните проценки покажаа дека ситуацијата не е толку страшна како што се претпоставуваше претходно.

„Оваа ерупција е поголема од претходните во Рејкјанес“, изјави вулканологот Магнус Гудмундсон за Њујорк Тајмс.

Во текот на изминатиот месец, исландските власти градеа одбранбени ѕидови околу електраната за да ја заштитат од тековите на лава.

Во ноември, властите рекоа дека градат голем насип дизајниран да ги пренасочи тековите на лава околу геотермалната централа Сварценги, која се наоѓа на нешто повеќе од 6 километри од Гриндавик.