Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и неговата сопруга Ана Акопјан го испратија синот-единец Ашот во Нагорно Карабах да војува против Азербејџан!
Мајката Ана, која е новинарка, исто така замина во зоната на ескалација на воениот конфликт, убедена дека дошла „историската и пресвртна точка“, пишува „Спутник Ерменија“.
„Да, сине, облечи ја униформата и оди“, им ги пренесе таа на пратеничките на Нагорно Карабах зборовите што му ги упатила на синот пред мобилизацијата. „Те обожавам, но нема ништо поблагородно од тоа да умреш за својата татковина. Не знаев каква ќе биде ситуацијата тука и дали ќе имаме врска. Сега излезе дека засега нема потреба од негово присуство на бојното поле, но моите зборови важат до крајот на мојот живот“.
Таа истовремено ги повика „сите мајки и жени, ќерки и сестри да бидат силни и да не се плашат од ништо“.
Ашот, кој во јули годинава го заврши двегодишниот задолжителен воен рок токму во Нагорно Карабах, е едно од четирите деца на претседателот на Владата на Ерменија и на неговата сопруга.







