Претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјавил дека таа земја ги отфрла сите потези кои личат на лов на вештерки против рускиот народ, уметноста, спортот, јавува “Anadolu Agency”.
„Како што не би ја напуштиле Украина, така не прифаќаме ни пракса слична на лов на вештерки против рускиот народ, книжевноста, студентите или уметниците“, рекол Ердоган во обраќањето во Клубот на пратеници на владејачката Партија правда и развој во Големото народно собрание на Република Турција.
Потсетувајќи на тоа дека германската Минхенска филхармонија го отпуштила рускиот диригент поради неговата поддршка на претседателот на Русија, Владимир Путин, Ердоган рекол дека таквата фашистичка пракса фрла сенка на украинската легитимна борба во пружањето отпор на руските трупи, така што поттикнува омраза и лутење и создава нови непријателства.
Турскиот претседател исто така ги критикувал меѓународните организации поради недоволно преземање акции околу воените зони, посебно Советот за безбедност на ОН.
Ердоган веќе долг период ги критикува ОН поради нивната неефикасност во соочувањето со глобалните проблеми и се залага за реформи во таа организација.
За бегалците кои бегаат од војната во Украина, во екот на извештаите дека некои африкански и азиски бегалци се задржани, Ердоган изјавил дека начинот на размислување кој ги дискриминира бегалците на основа на нивната вера, национално потекло или боја на кожа нема никаква врска со човештвото или цивилизацијата.
„Турција никогаш не ги етикетирала оние кои бегаат од војна и прогон според нивниот јазик, вера или боја на кожа“, нагласил Ердоган.
Турција згрижува повеќе од 4 милиони бегалци, од кои повеќето доаѓаат од Сирија, повеќе од било која држава во светот.
Министерите за надворешни работи на Русија, Украина и Турција треба да одржат состанок оваа седмица во Анталија, а Ердоган истакнал дека Анкара вложува големи дипломатски напори да стави крај на војната во Украина.





