Турција е посветена да бара пат за мирен дијалог меѓу Русија и Украина, изјави денеска за турските медиуми претседателот Реџеп Таип Ердоган, обвинувајќи ги САД и другите западни земји дека ја „провоцираат Москва“, пренесува Ројтерс.
Државната телевизија ТРТ и другите медиуми ја цитираа изјавата на Ердоган: „Западот, а особено САД, „бескрајно“ ја напаѓаат Русија “, без да образложи што сака да каже.
„Работиме на тоа како да создадеме мировен коридор овде, како што го создадовме коридорот за жито. Мислиме дека најдобар начин да го направиме тоа е патот од дијалог до мир“, рече Ердоган, додавајќи дека перспективата на Украина ќе биде важна.
Турција беше домаќин на разговорите меѓу украинската и руската делегација во март и се обидува да ги балансира критиките за инвазијата и противењето на санкциите.
Досега немаше јавни обиди за продолжување на мировните преговори меѓу Русија и Украина, откако обидите да се постигне примирје во Истанбул во првите недели од конфликтот не успеаја.
Украина во вторникот негираше дека е под притисок од Западот да преговара со Русија, нагласувајќи дека разговорите може да се одржат само доколку Русија се повлече од сите територии окупирани од нејзината февруарска инвазија.
Русија во петокот рече дека е посветена на постигнување на целите на нејзината „специјална воена операција“ во Украина, додавајќи дека таквите цели може да се постигнат преку мировни преговори, но ставот на Киев во моментот е дека одржувањето на мировните преговори е невозможно.







