Реџеп Таип Ердоган денеска положи заклетва за својот трет мандат како претседател на Турција, и втор по транзицијата на земјата кон претседателски систем на управување.
По пристигнувањето пред зградата на турскиот Парламент, Ердоган најпрво ја поздрави почесната гарда која беше построена во негова чест, по што започна свечената седница на Големото национално собрание на Република Турција, со која претседаваше привремениот претседавач Девлет Бахчели.
Тој на Ердоган му врачи уверение од Врховната изборна комисија со кое се потврдува победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај.

Ердоган потоа свечено положи заклетва зад претседателот на парламентот, со што и официјално започна новиот мандат на претседателот на државата. По полагањето заклетва, во парламентот беше интонирана химната на Република Турција.
Ердоган за првпат беше избран на функцијата претседател на изборите во 2014 година, а воедно е и првиот директно избран претседател на таа земја.
Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори со 52,18 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу 47,82 отсто, покажаа конечните резултати објавени од Врховната изборна комисија на Турција.





