
Актуелниот претседател на Турција Реџеп Таип Ердоган прогласи победа на претседателските избори во таа земја.
Обраќајќи им се на граѓаните собрани во Истанбул, Ердоган рече дека им се заблагодарува што му го довериле управувањето со земјата во следните пет години.
Според прелиминарните изборни резултати, врз основа на 98,06 отсто од преброените гласови, Ердоган освоил 52,12 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу 47,88 отсто.
Поддржувачите на Ердоган почнаа да се собираат пред претседателската палата во Анкара, каде веќе започна концертот.
Унгарскиот претседател Виктор Орбан му честиташе на турскиот претседател за изборната победа уште пред да биде официјално објавена. Орбан на Твитер напиша „честитки за несомнената победа“, а потоа на турски „честитки, драг претседателе“, заедно со фотографија од него.
Во Турција денеска се одржа вториот круг од претседателските избори, а повеќе од 64 милиони граѓани со право на глас избраа меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народната алијанса и Кемал Киличдароглу, кандидатот на опозициската Национална алијанса.
Централната изборна комисија на Турција соопшти дека нема нерегуларности, додека излезноста е проценета на 85,07 отсто.





