Ентони Албанезе е нов премиер на Австралија

Австралиските гласачи ja казнија централнодесничарската влада, ставајќи крај на деветгодишното конзервативно владеење, во корист на централнолевичарската опозиција која вети посилна акција за климатските промени.



Новоизбраниот австралиски премиер, Ентони Албанезе, утре ќе положи заклетва, по неговата вчерашна победа на парламентарните избори на неговата Лабуристичката партија.

Пребројувањето на гласовите се уште е во тек и не е јасно дали лабуристите можат да добијат 76 места за да обезбедат мнозинство во 151-члениот Долниот дом на парламентот. Говорејќи за Би-Би-Си веднаш по неговата изборна победа, 59-годишниот Албанезе рече: „Сега имаме можност да ставиме крај на климатската војна во Австралија.

Албанезе , кој ќе стане првиот лабуристички премиер од 2013 година, изјави дека веднаш потоа ќе замине за Токио на средбата, планирана за вторник, со лидерите на Јапонија, САД и Индија.

„Очигледно, средбата на четворицата лидери е апсолутен приоритет за Австралија“, им изјави тој вчера на новинарите во Сиднеј.

„Тоа ни овозможува да испратиме порака до светот дека има промена на власта, ќе има некои промени во политиката, особено за климатските промени”, рече тој, пренесе ДПА.

-Ќе се вратам во Австралија во среда, а потоа ќе се зафатиме со работа, рече Албанезе.

Како што продолжи пребројувањето на гласовите, радиодифузерот Еј-Би-Си ги наведе лабуристите како водечки со 72 места, додека коалицијата на премиерот во заминување Скот Морисон беше наведена со 50 места по речиси 70 отсто преброени гласови.

Експертите велат дека ќе биде потребно извесно време за да се финализира распределбата на местата поради комплицираниот изборен систем во Австралија, пренесува германската агенција.

Морисон, цврст поддржувач на индустријата за јаглен, по изборниот пораз најави дека ќе поднесе оставка како лидер на Либералната партија.

Неколку часа по затворањето на гласачките места синоќа тој му честиташе на Албанезе и го призна поразот, изјавувајќи дека тоа е „тешка ноќ” за неговата конзервативна влада.