Претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков, вели дека државата може да отиде во банкрот, бидејќи вкупните долгови на енергетските компании се над една милијарда евра.
„Ако Владата и ЕСМ нè послушаа и уште во август набавеа електрична енергија по 90 евра за мегават-час, ќе потрошеа 350 милиони евра, ќе ги спасеа од загуби и долгови енергетските компании и немаше да има енергетска криза.
Сега, вкупните загуби на енергетските компании се над една милијада евра и дополнително ќе се зголемуваат бидејќи енергетската криза нема да заврши утре“, изјави Манасков за Вечер.
Со проблеми се соочуваат и компаниите од текстилната, пекарската индустрија, а и од другите индустрии.
Стопанската комора за енергетика и компаниите, на 25 февруари, ќе излезат на протест пред Владата, каде што ќе ги повторат барања до Владата доставени уште на 24 јануари.
Едно од барањата е разрешување на економските министри, одредени директори и претседатели на компании и поставување стручни кадри на нивните места.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, државата досега потрошила 170 милиони евра за енергетската криза, додека државите во соседството дале многу повеќе.






