Меѓу 7.000 и 9.000 работници во индустријата би можеле да останат на улица поради енергетскиот колапс што ѝ се заканува на државата, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека се работи за големи компании, кои се на слободниот пазар на струја, а учествуваат со 10 до 15 проценти во БДП.
Ѓерасов векли дека тука спаѓаат поранешна Железарница, сега Топла валалница – Макстил, тие се голем потрошувач на електрична енергија, потоа Ладна валалница – Либерти стил, рудникот Саса, но во разговор со менаџментот тие кажаа дека имаат обезбедено струја и за наредната година по некоја прифатлива цена, тука се исто така и помалите индустриски капацитети Вабтек Металски завод Тито, Раде Кончар.
„На сите тие компании, гиганти, неопходна им е енергијата за да може да работат. Ако прашувате за точен број на работници колку се загрозени, доколку би се случило она што не би посакувале да се случи, мислам дека е бројка на 7.000 до 9.000 работници директно инволвирани на тие работни места“, вели Ѓерасов за РСЕ.






