Бугарскиот новинар, политичар и дипломат Велизар Енчев бара анекс на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Македонија, во кој Скопје ќе го смени именувањето на Бугарија и на Бугарите.
„СКОПЈЕ ДА ГО РЕВИДИРА ИМЕТО НА НАШИОТ НАРОД И ДРЖАВА – БУГАРИ И БУГАРИЈА
Малкумина обрнуваат внимание на начинот на кој во Република Северна Македонија ги нарекуваат нашиот народ и држава – Бугари и Бугарија.
Всушност, тоа е српскиот израз за нашата националност и држава и е преполн со лошо прикриена омраза кон сè што е бугарско.
И во монархистичка и во комунистичка Југославија, овој израз се зацврсти како неофицијален синоним за нешто грдо и одбивно.
Денес односниот израз за нашиот народ и држава се користи во Македонија со иста негативна конотација.
Дојде време да му поставиме нов услов на Скопје, кој ќе се впише како анекс на договорот од 1 август 2017 година:
Бугари и Бугарија да бидат заменети со Балгари и Балгариа.
Бидејќи со јазичната реформа на српско-македонските комунисти во 1945 година се укинати буквите Ъ и Я, ќе прифатиме како привремено решение тие да се заменат со А.
Јас го сфаќам овој предлог доста сериозно и се надевам дека бугарскиот дел од Заедничката историска комисија ќе го разгледа со сета негова сериозност.
Време е во Скопје да прекинат со српското јазично влијание, кое ги труе бугарско-македонските односи.
Така србизираниот југозападен бугарски дијалект барем малку ќе се растовари од антибугарската лексика“, објави Енчев на Фејсбук.
Тој (не)свесно „заборава“ дека српскиот израз за неговата земја е „Бугарска“, што се разликува од македонскиот „Бугарија“, а, покрај Македонците и Србите, народот во Бугарија го именуваат како Бугари и Хрватите, Црногорците и Бошњаците.
https://www.facebook.com/permalink.php?story_fbid=10221765964311071&id=1015211075






