По цели девет месеци македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас се запиша во листата на стрелците во дресот на Наполи, докрајчувајќи ја Салернитана во победата од 2:0 на гостински терен во Серија А.
Последен пат најскапиот македонски фудбалер погоди за италијанскиот шампион во домашниот триумф од 3:0 против Кремонезе на 12 февруари исто така во Серија А.
Елмас во 82. минута упати ефектен удар од работ на шеснаесетникот во долниот десен агол од голот на Гилјермо Очоа, откако 15 минути претходно влезе во игра на местото на Хвича Кварацхелија.
За 24-годишниот офанзивен играч за врска ова е вкупно 17 погодок за тимот од Неапол, 12. првенствен.







