Елиф Елмас и дефинитивно е нов фудбалер на германскиот бундеслигаш Лајпциг, каде што утрово ги помина медицинските прегледи и потпиша договор до 2028 година.
„Ексклузивно: Елиф Елмас ги комплетира медицинските тестови и потпиша како нов играч на РБ Лајпциг 🇲🇰
Еве го Елмас во Лајпциг денес со (менаџерот – н.з.) Џорџ Гарди 🤝🏻
🔴⚪️ Лајпциг го замени Форсберг со Елмас, а Наполи ќе добие отштета од 25 милиони евра — 𝐡𝐞𝐫𝐞 𝐰𝐞 𝐠𝐨, потврдено“, објави на социјалните мрежи италијанскиот новинар и експерт за фудбалски трансфери Фабрицио Романо.
Играчот за врска на македонската репрезентација во четирите сезони во дресот на Наполи настапи на 141 натпревар и постигна 17 гола во сите клупски натпреварувања. Минатата сезона ја освои титулата во Серија А и беше трет стрелец на тимот со седум погодоци.
Со својот нов клуб 24-годишниот „дијамант“ од Македонија во осминафиналето на Лигата на шампионите повторно сезонава ќе се соочи со Реал Мадрид, против кој Наполи се сретна во групната фаза. Првиот натпревар е на 13 февруари во Лајпциг, а реваншот на 6 март во Мадрид.
Во Бундеслигата, пак, Лајпциг по 16 одиграни кола е четврти, а во продолжението на 13 јануари ќе го пречека Ајнтрахт Франкфурт.







