Термоцентрала во Крим, била цел на напад со беспилотни летала, соопштија проруските власти на полуостровот кој е припоен кон Русија, цитирани од „Франс прес“.
Нападот не предизвикал сериозна штета.
„Синоќа беше извршен напад со дрон врз термоцентралата во Балаклава. Трансформаторот претрпел минимална штета. Никој не е повреден“, напиша во Телеграм гувернерот на Севастопол, именуван од Русија, Михаил Развитјев.
Тој уверува дека „нема закана за снабдувањето со електрична енергија“ и дека „инцидентот не влијае на снабдувањето со електрична енергија на Севастопол и на полуостровот“.
Работниците во фабриката брзо го изгаснале пожарот.
Веста за нападот доаѓа додека украинските сили продолжуваат контраофанзивата на југот.







