Екстремно десничарската, антиисламска Партија на слободата (ПВВ) предводена од Герт Вилдерс освои најмногу места на изборите во Холандија, покажуваат податоците од излезните анкети на агенцијата ИПСОС.



Ќе има 35 од вкупно 150 места во парламентот, според податоците од излезните анкети, а според конечното пребројување на 95 отсто од гласачките ливчиња, дури 37 места.

Според АФП, резултатот од гласањето е политички земјотрес што ќе се почувствува далеку подалеку од границите на земјата.

Имено, во своите настапи во кампањата, Герт Вилдерс се закани дека ќе стави крај на имиграцијата. Тој демонстративно одби да присуствува на презентацијата на украинскиот претседател Зеленски во парламентот, ги поддржува договорите од Минск со Русија, зборуваше за излегувањето на Холандија од ЕУ, инсистираше да се затворат џамиите во земјата.

Во неговата 25-годишна политичка кариера Вилерс се „прослави“ популистичка реторика и нагласување на главните грижи на холандските гласачи, но и со нарекување на Мароканците „ѓубриња“, поради што му беше изречена и судска казна, како и со организирање на „конкурси“ за карикатури на пророкот Мухамед и со промовирање на својата „мисија за запирање на исламската инвазија на Западот“.

Поради ваквите ставови во 2004 година доби закани по животот, поради што беше ставен под полициска заштита.

 Сепак, во последните настапи во текот на кампањата, Вилдерс делумно ретерираше во своите позиции, изјавувајќи дека е подготвен да ги „замрзне“ своите ставови за Исламот со цел да учествува во Владата, бидејќи Холанѓаните имаат „поголеми проблеми од борбата против напливот на баратели на азил и имигранти“, како што се зголемените трошоците за живот, здравствената заштита и безбедноста.

 Но, и покрај ублажената предизборна реторика на Вилдерс, Изборната програма на ПВВ го задржа неговиот остар антиимигрантски тон, јавува МИА.

 Во синоќешниот настап пред членовите и симпатизерите на ПВВ во Шевенинген по објавувањето на првичните изборни резултати, Вилдерс изјави дека победата на партијата на изборите и носи и „огромна одговорност“, како и дека другите партии сега не може повеќе да ја игнорираат откако освои 35 пратенички места.

„Гласачите порачаа: Доста ни е. Ќе се погрижиме Холанѓанецот повторно да биде на прво место. Холанѓанецот, исто така, има надеж дека ќе си ја поврати својата земја“, истакна Вилдерс.

 Според Вилдерс, ПВВ ќе се погрижи за враќање на Холандија на Холанѓаните и за ограничување на миграцијата.