„Поранешниот висок офицер на УЧК и поранешен агент на безбедносно-разузнавачката агенција на Албанија ШИК Наим Мифтари објави имиња на поединци, кои, според него, работат на дестабилизација и уривање на Владата на Косово. Покрај претседателот на Русија и нејзиниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на тој список на Наим Мифтари е и лидерот на Демократската унија за интеграција од Македонија Али Ахмети. Поранешниот безбедносно-разузнавачки агент Мифтари тврди дека „целта на ова сценарио е потоа за Балканот да заживеат Русија и Велика Србија„ – објави влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“ во својата информација со наслов „Наим Мифтари ги објави имињата на Албанците и странците, кои работат против Косово: Во ова сценарио се вложени стотици милиони евра“.
„Бота сот“ пишува: „Наим Мифтари вели дека тоа се прави и заради заживување на ‘Отворениот Балкан’. Тој тврди дека во ова сценарио се вложени стотици милиони евра.“
Овој косовски весник ја пренесува целосната објава на Мифтари: „Владимир Путин, Сергеј Лавров, Александар Вучиќ, Ричард Гренел, Еди Рама, Хашим Тачи, Али Ахмети, Рамуш Харадинај, Иса Мустафа, Беџет Пацоли, Дритан Абазовиќ……. можеби и Франција се авторите, кои работат ноќе и еден ден да ја урнат и да ја дестабулизираат и да ја урнат Владата на Косово од власта, за да потоа заживеат Русија и Велика Србија на Балканот преку ‘Отворениот Балкан’!“
„Стотици милиони евра се вложени во ова сценарио за купување и лажење на јавноста и меѓународното мислење, но дали ќе имаат успех во времето, што претстои, ќе ви кажам!“
„Како и да е, мора да се внимава, бидејќи непријателот никогаш не спие!“





