Пратениците кои беа повикани од одбраната на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, на денешното рочиште од судењето за организација на настаните од 27 април 2017 година во Собранието негираа дека постоел план за насилство на конститутивната седница на тој ден.



Никола Мицевски, кој и во претходниот собраниски состав беше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави:

„Ниту имавме некоја информација, ниту некој на координација информирал за некаков план. Напротив, на многуте координации во тој момент ни се укажуваше да внимаваме на било каква било вербална или друга провокација“, рече Мицевски.

И пратеникот Панчо Минов истакна дека немал сознание за каков било план за загрозување на уставниот поредок во државата.

Дека не знаеле за план за упад во законодавниот дом и дека партијата не била поврзана со протестите одговорија и екс пратениците Крсто Јовановски, Драган Данев и Трајчо Димков. Одбраната тврди дека сведочењето на пратениците покажуваат дека обвинетиот Вељаноски го испочитувал собранискиот деловник.

На последното рочиште на 26 август, на предлог на екс-спикерот Вељаноски, беше презентиран видеозапис од продолжението на конститутивната седница на Собранието на 27 април 2017 година. Неговата одбрана во овој процес повикала околу 50 сведоци.