Експертски став: Македонската декларација за јазикот е неписмена и оди на рака на Бугарија

Едностраната декларација на Македонија за македонскиот јазик го пишувал некој полуписмен а таа има и содржински неточности кои ја манипулираат јавноста а притоа Бугарија има корист од тоа.



Ова е коментарот на експерти откако Скопје како одговор на бугарската декларација со која тврди дека не го признава македонскиот јазик, објави свој документ за јазикот.

,,Не знам кој го пишувал текстов, но прво е неписмено напишан (не е лекториран).

Само неколку примери што ми паднаа в очи: на стандарден македонски јазик не се вели „согласно сознанијата“, туку „во согласност со сознанијата/согласно со“, не се вели „било какви“ туку „какви било“, се пишува македонски народ, а не Македонски народ итн.

Второ – се коси со Резолуцијата од нашето Собрание во која се вели: „Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.“

Во текстов гледам се, само не и рамноправност и почитување достоинство на македонскиот народ.

Трето, содржински е катастрофален и оди на рака на бугарската страна.

Зошто?

а) Зашто историјата на македонскиот јазик не започнува од 1945 година, туку уште со Моравската мисија за чии цели бил создаден старословенскиот јазик врз македонски говори од околината Солун.;

б) Дијалектното просториње на македонскиот јазик оди и преку државните граници на Република Македонија (во Пиринска и Егејска Македонија, како и во пограничјето со Албанија и Косово).

Четврто, кардинална неточност е дека македонскиот јазик бил „признат“ на Третата конференција на УНГЕГЕН во Атина 1977 година. Што е признато овде, ќе видите во коментарите подолу.

Ова што го кажувам ќе ви го каже секој чесен и достоинствен македонист, кој работи во полза на својата на професија, а не во полза на разнебитената политичка партија која на ситно ја распродаде Македонија за „туѓи бели дворови“. Од денес, ние, Македонците, ќе си `ргаме како робови благодарение на нив!”, пишува македонистката Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик.

Таа дава неколку линкови за потврда на нејзините ставови.

Објавено во Ноември 2020

ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НОВИНАРИ

Овие денови, откога ова со бугарското негирање на Македонците и македонскиот јазик стана претерано „жешко“, од неколку новинари на неколку различни телевизии слушам: „Македонскиот јазик е признат во Атина 1977 година…“
Еднаш веќе сум пишувала овде на оваа тема, и сега пак ќе повторам: ниеден јазик, дури и оној неофицијален, дури и оној што нема држава во кој се зборува (влашкиот), дури и оној што е само говорен (ромскиот, освен во Македонија) и без свое писмо – НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИЗНАТ. Кој е тој авторитет што ќе го признае?1 Едноставно секој јазик, и официјален и неофицијален може само да ПОСТОИ или да НЕ ПОСТОИ.
Она што е официјализирано во Атина во 1977 година е, всушност, следново: на Третата конференција на УНГЕГН (United Nation Group of Experts for Geogrphical Names) во Атина е донесена Резолуција за тоа како македонската (заедно со српскохрватската) кирилица ќе се предава со латиница, или поконкретно како македонските топоними ќе се предаваат на географските карти со латиница. Толку! Со вакви произволни и паушални формулации сами си правиме штета. Па кај имаме доцна кодификација на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици на Балканот, таму – и како да сме немале јазик додека во 1977 година не ни го признале!
И уште нешто сакам да ви кажам: „се налепивте“ на еден документ кој Ципрас го извади од нафталин, само зашто конференцијата на УНГЕГН се одигрла во Атина, за да се оправда тој кај своите зошто се согласил да потпише постоење на македонски јазик, кој, патем речено, има многу подолга вековна историја и писмена и усна, од онаа Резолуција од 1977!
Она за што никогаш не запрашавте е следново: постои ли Македонска комисија на УНГЕГН и зошто не постои? Ако некогаш ви падне на памет да ме прашате со задоволство ќе ви одговорам!
Еве, повелете линкот ви го давам во коментар!

П.С. И уште нешто, иако не знам колку ќе ве интерсира, па сепак: ќе речам дека Грција го „признала“ македонскиот јазик тогаш кога на Македонците во Егејска Македонија ќе им се дозволи, барем, описменување на мајчиниот јазик и кога ќе се отворат катедри во Солун и Атина за негово изучување на академско ниво, така како што и сите други официјални јазици се изучуваат во високоцивилизираните и демократски земји членки на ЕУ. Од Бугарија го очекувам истово, иако знам дека тие никогаш нема да го направат тоа, зашто, нели – глупо е да отвораш катедри за „език којто е с`шти с`с тјахниот“.