Власта во Македонија е способна само за заеми и за задолжување на народот, пари кои ќе ги враќаат идните поколенија. Ова е ставот на енергетскиот експерт Константин Димитров, откако земјава со европски пари ќе ги крпи долговите во „ЕСМ“ и ќе се купува струја. Според Димитров, 100-те милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе помогнат земјава да се справи со купување на струја, ама привремено, на долг рок тоа не решава ништо, по што ќе се оди со нов заем и така ќе се вртиме во круг, а земјава ќе биде увозно зависна.
Ако Владата сериозно не ги засука ракавите и не почне да вложува во изградба на нови енергетски капацитети, сето ова што го прави е бадијала, а сериозен проблем се ремонтите на капацитетите кои цело време се вон функција.

Дека Македонија е увозно зависна за купување струја потврдија и од ЕБОР.
- – Македонија е значително зависна од увоз на енергија и имаше проблеми заради цените на енергија кои неконтролирано растеа, велат од ЕБОР по заемот на ЕСМ од 100 милиони евра.
Во меѓувреме, речиси 9 милиони евра се излеале од касата на „ЕСМ“ за купување струја среде лето. Најмногу струја била увезена во јули, а директорот на „ЕСМ“ потврди дека увезуваната струја била поради зголемената потрошувачка предизвикана од топлото време и клима уредите.





