Ексклузивно: Што му напишал Бојаџи на министерот за култура Адеми?

Режисерот Јани Бојаџи чиј филм “Ругање со Христос” беше најдиректно забранет од Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми, напишал писмо во кое бара да му се дозволи киноприкажување на филмот и објаснува низа состојби и настани кои ја покажуваат сета мизерија во македонската култура и држава.



Писмото е напишано на крајот на октомври и во него Бојаџи на министерот Адеми му објаснува што се случува во неговиот ресор и како се спроведува систематскиот притисок врз него.

Целото писмо на Јани Бојаџи до Асаф Адеми во продолжение:

Почитуван Господине,

Вие знаете дека не постојат никакви правни или било какви други институционални пречки за легално и јавно киноприкажување на играниот филм “Ругање со Христос“ финансиран со средства од јавен интерес, преку Агеницијата за филм на Република Македонија. Вие исто така
знаете дека Орион продакшн како продуцент има обврска да го дистрибуира филмот во кината во земјата, да го претстави пред гледачите/граѓаните со цел освојување на културниот простор со уметнички дела и создавање на јавна дебата во врска со сите општествени појави.

Убеден сум дека несомнено, исто така знаете дека филмот како комплексна алтка за образование и информирање има за цел определен дел од публиката да ја забавува (во позитивниот смисол на овој поим), и со тоа да оствари определена комерцијална добивка што треба ја сподели со Агенцијата за филм, односно со буџетот на Република Македонија.

Но, и покрај сите мои напори со писмени, телефонски и јавни обраќања и повици до директорите на Центрите за култура во Република Македонија, кои за жал се единствени институции кои нудат просторни, организациски и технонолшки услови за киноприкажување во државата, а се ваша сопственост и надлежност, и вршат дејност од јавен интерес, ниту еден директор (освен во Струмица од вчера, после влијателни ургенции!) не само што не ми
одговорил на ниту едно писмено или усно барање за склучување на договор за
киноприкажување на нашиот филм “Ругање со Христос“ според правилата и прописите досега применети за киноприкажување на македонски игран филм, туку некои од нив воопшто и не комуницираат со мене!

Господине Адеми,
Јас и мојот филм сме предмет на системски организиран политичко-партиски прогон во кој учествуваат и институциите на Градот Скопје кои се во потполна контрола на партииите на власт. Дека тоа е така, јасно може да се види од репертоарот на единственото јавно кино – киното “Милениум“ во Скопје, чија управа на моето барање од месец Август ова година за
определување на термини за прикажување, после долго настојување од еден месец, ми одговори дека до крајот на ова календарска 2018 година сите термини во тоа кино се зафатени!

Но тоа не е така со филмот “Хеј“ (за чиј автор не правам никакви забелешки, напротив, бескрајно го почитувам) кој премиерно излезе речиси три месеци после мојот филм а веќе е на репертоар во државното кино Милениум кое нели, беше потполно пополнето!

Сосема е јасно кој ја создаде ова ситуација јавно стигматизирајќи го мојот филм и мене како уметник, но и дополнително кондензирајќи го општествениот антагонизам кога со барањето преку Државниот правобранител на Република Македонија, доставивте Поднесок за Судска забрана за киноприкажување на филмот “Ругање со Христос“.

Во тој поднесок вие и вашето Министерство обвинивте дека филмот и неговото киноприкажување предизвикуваат говор на омраза и национална, верска, религиска и расна и друга меѓуграѓанска нетрпеливост. Тој поднесок Основниот суд во Скопје го отфрли затоа што беше повлечено барањето, што значи се откажавте да ги докажете јавните и писмените обвинувања дека филмот со неговото прикажување ќе го предизвика сето тоа што и јавно го тврдевте со официјални писмени известувања на Министерството, како и на јавно одржаните прес конференции!

Но од тогаш па се до денес исто како и јавното кино “Милениум“, така и приватниот филмски “Мултиплекс“ кој се наоѓа во трговскиот центар “Скопје сити мол“ одбива да го прикажува нашиот филм (иако го немаат гледано!) затоа што (како што до мене стасаа неофицијални гласини) тие се
плашеле дека филмот со неговото киноприкажување може да создаде безбедносни ризици по нивното кино и по трговскиот центар “Скопје сити мол“ затоа што, внимавајте – таму имало голема фрекфенција на граѓани од албанска националност и муслиманска вероисповед!

Прашувам, што значи тоа господине Министер за култура?
1. Сегрегација и стигма врз мојот филм и мене како Македонец и христијанин?
2. Пазарна дискирминација врз мојот филм како производ за пазар?
3. Создавање на атмосфера на недоверба и страв?

Господине Адеми, на вас како Министер за култура и на Владата во која членувате и ја застапувате е одговорноста да создадете безбедност и сигурност за сите граѓани слободно да се движат во земјата без разлика на нивната национална, верска или друга припадност!

Но и ваша е обврската да овозможите сите производи од областа на културата и уметноста да можат слободно, непречено и без никакво ограничување да се прикажуваат, емитуваат, разменуваат и продаваат на пазарот на уметност и култура низ целата територија на Република Македонија. Затоа, ве повикувам, веднаш, да ургирате кај киноприкажувачот “Синеплекс“ дека не постајат никави безбедносни закани врз нив, и вие со вашето лично присуство на премиерното киноприкажување на филмот “Ругање со Христос“ во тој
мултиплекс кино центар, да покажете дека ова е слободна земја и дека никој не може да биде заплашуван и стигматизиран доколку посети определен културен настан, без оглед на тоа на која нација и која религија припаѓаат авторите, учесниците и гледачите!

Во спротивно ќе остане сомневањето дека граѓаните неалбанци и немуслимани и нивните деца не се безбедни во “Скопје сити мол“ и особено во киното “Синеплекс“?! Но истотака ќе се сомневам дека постои ризик од безбедносен карактер врз македониците и христијаните кои ги посетуваат овие делови од градот и државата!?

Ја користам ова прилика исто така да побарам од вас да се заложите нашиот филм да биде прикажан и во Центрите за култура во Тетово, Гостивар и Дебар каде што несеомнено постои интерес од страна на граѓаните, со што ќе бидат симнати сите вакви сомнежи.

Господине Министер,

Јас не сум вработен во ниту една институција за култура на Република Македонија и за мене прикажувањето на филмот, неговата дистрибуција, продажба, размена или било кој друг начин на комерцијално работење и стопанисување е мојата единствена професија и работа од која живеам.

Со тоа што инстутуциите кои се во надлежност на вашето министерство а и вие
лично со вашите изјави за мојот производ, кои се покажаа како лажни и невистинити, (не ги докажавте на Суд!) мене ми оневозможуваат да го прикажувам филмот како уметнички производ!

Со тоа мене ми се одзема правото на пристап до работа и заработка кое претставува кршење на моето загарантирано право на работа! А со тоа и на моето основно право на живот!

Секој нареден ден во ова состојба за мене е брутална, организирана, политичка и министерско – владина тортура врз мене и врз моето право да бидам еднаков со другите граѓани во Македонија! Ова е сегрегирање, етикетирање и стигма создавана од државни институции со позиција на политичка сила.

Ова не е ништо друго освен политички прогон врз мене како граѓанин и уметник заради моето јавно кажано мислење во уметничко дело, во Република Македонија во 2018 година!

Ова јасно и недвосмислено го загрозува мојот физички опстанок а со тоа и опстанокот на моето семејство. Но, и директно се попречува мојот понатамошен развој како човек и како уметник што е спротивно на основната идеа за постоењето на вашето Министерството за култура – да поттикнува и развива уметност и уметници!

Заради сето тоа, дополнително ќе барам да ми се направи компензација на загубената добивка, како и јавно да се произнесете заради мојот нарушен углед и чест дека јас и моето дело сме ширеле говор на омраза.

Најпосле, сакам да ве информирам дека оној кој го попречува дистрибуирањето и киноприкажувањето на филмот “Ругање со Христос“ без оглед дали е правно или физичко лице, функционер или обичен граѓанин, прави штета на буџетот на државата Република Македонија, затоа што државата е инвеститор и ко-сопственик на кој му припаѓаат до 50% од остварената добивка.

Од тие причини овој допис ќе го испратам и до Јавниот обвинител на
Република Македонија со цел тој да превземе адекватни дејствија против сторителите на евентуални кривични дела.

Господине Министер,
Ова мое писмено обраќање до вас не е со цел “пријателски“ да ви укажам на работи и состојби кои не сте ги знаеле, туку да го сочувам моето поведение на одговорен граѓанин и професионалец кој работи и живее од уметност и култура.

Вие, според функцијата која доброволно ја обавувате би требало сето тоа да го знаете, па затоа ова не може да послужи во иднина да се ослободите од вашата одговорност како Министер, во случај сето ова да не сте го
знаеле!

Ова мое барање е со една единствена цел: веднаш да овозможите прикажување на нашиот филм во државните Центри за култура, но и веднаш, јасно и недвосмислено да се заложите да бидат отстранети сите други пречки за слободно прикажување на филмот надвор од националните установи.

Затоа што сепак ова е и ваш, филм на државата Република Македонија чиј министер во Владата сте.

Сакам да ја искористам и приликата да ја побарам вашата одговорност заради организациско – управувачкиот хаос во националните установи, општиот пад на квантитетот и квалитетот на уметничките проекти, политичко-партиската распределба на проекти во Агенцијата за филм и и во другите уметнички дејности, како и за процентуално скандалозно малата контрибуција на
Министерството за култура во историски најголемиот буџет на државата од нејзиното постоење од 2 ри Август 1944 година.

Сепак, најважна обврска на еден министер е да понуди програма, проекти и аргументи со кои ќе ја убеди Владата и општеството за важноста од
реалната партиципација на неговиот ресор во општествената поделба на националното материјално богатство, кое, во овој случај, вие не сте успеале да го направите!

Драг Господине,
Ние тука се разделуваме, затоа што вие и вашата буржуаска влада сте моите класни и општествени неистомисленици и противници. Но, и покрај тоа, сакам сосема на крај да ве потсетам дека едно општество може да се нарече навистина слободно и демократско, само и единствено доколку ги прифаќа, толерира и се грижи и за тие кои јасно и недвосмислено не се
согласуваат со работењето на владата и нејзините министерства, се разбира, доколку тие, тоа нивно несогласување го изразуваат на слободен начин и со демократски средства, како што е и ова мое обраќање до вас.

Ве поздравувам и ви посакувам секое добро,

Јани Бојаџи

П.С. Ова мое Барање ќе го проследам до Кабинетот и Претседателот на Република Македонија, Кабинетот и Претседателот на Собранието на Република Македонија, Владата и Претседателот на Владата на Република Македонија, Народниот правобранител на Република Македонија, Амбасадата и
Амбасадорот на Француската Република во Македонија, Мисијата на Европската Унија и Амбасадорот на ЕУ, други Амбасади и Европски иснтитуции, Амбасадорот и Амбасадата на Соединетите Американски Држави, други Амбасади и Амбасадори како и до Јавното Обвинителство на Република Македонија.