Бивш владин портпарол го прогласи Милчин за конвертит

Доајенот на македонското новинарство Зоран Иванов, кој беше портпарол на Владата на СДСМ и на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, вели дека е време да се реформира и „Сорос“ додека старите кадри докрај не го деградирале, затоа што, според него, „како тргнале, на добар пат се“.



Иванов, кој беше новинар и уредник на Македонско радио, на „Утрински весник“ и на телевизиите Алфа и Сител, вели дека „треба да се сменат насловот на Уставот и именките во него, да ги зачуваме придавките како идентитетски белези, на Грција да ѝ го дадеме ерга омнес и, конечно, на граѓаните да им се отвори патот за НАТО и за ЕУ додека не ја снемало државата, додека не бидеме Македонци без институции, како пред АСНОМ 1944 година“.

„Се зареков дека ќе молчам зашто е веќе сè кажано за сè и сега само повторувања, досадни повторувања без визија.

Но, не можам да им се изначудам на конвертитството на луѓето, нели, интелектуалци, уредници со вселенски погледи и на нивните мали големи богови, на бушавите театарски режисери и на уште по некој соросов следбеник. На нивните нагли вртења за 180 степени.

Се фатиле сега контра своите довчерашни прокламации за името на државата, ги шиткаат своите довчерашни НАТО и ЕУ заложби, веројатно, поради грст суета и поради понекоја недобиена позиција, привилегија и државни пари од новата власт.

И наместо на луѓето што ги читаат и што ги слушаат во недебатните дебати да им објаснат дека ‘ерга омнес’ е идентитетското име на државата, а не идентитет на народот и на нацијата, наместо да им кажат дека и пасошот и другите акти и документи, па и самиот Устав, се само употребни алатки за ИДЕНТИФИКАЦИЈА, а не за ИДЕНТИТЕТ, се бламираат, манипулирајќи пред историскиот предизвик.

Но, што да се прави, непријатно ми е кога гледам како големите борци, всушност, се мали луѓе и што сè пониско и во ‘солза грчев стил’ се прпелкаат во заслугите на своето минато“, пишува Зоран Иванов за Владимир Милчин и за неколку други лица кои не можат јасно да се идентификуваат во неговиот став.

Пред една недела Милчин јавно ја критикуваше Владата на СДСМ за погрешна политика за името.