Екс вицепремиер до Филипче: Венко батали, не вреди …

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и екс амбасадор во Бразил Ивица Боцевски кој и самиот своевремо си замина од владата на Груевски иако не учествуваше во ниту еден скандал на пластичен начин му ја објаснува ситуацијата на министерот Филипче околу неговото останување во владата.



“Во современата историја на македонското здравство ќе останат вечно врежани за идните поколенија изгорените остатоци на тетовската модуларна болница, како најнеславен паметник за едно време-невреме, за нечовечноста на забеганата власт и за алчноста на себичниот бизнис.

Низ пепелта, чадот и смрдеата што сè уште се шират од пеколното жариште, неповратно исчезнува грижливо градената сказна за „успешното“ справување на Македонија со чумата на 21 век. Коронавирусот однесе премногу животи кај нас, далеку повеќе отколку што беше потребно, но не постојат зборови што може да ја опишат безумната загуба на 14-те маченици, згрижени болни пациенти, кои спасот од чумата го бараа во најблагородното место на Земјината топка, болницата, а таму ја најдоа смртта, произведена од негрижа, надмен аздис и јавашлак.

„Не политизирајте го случајот“, најгласно зборуваат токму оние што ја исполитизираа целата пандемија, од самиот нејзин почеток, па сè до денес, и тоа не само за стекнување политички капитал туку и за заработка на грбот и на маката на обичниот граѓанин.

Неразбраните трговци, на чело на македонската власт, се грижеа повеќе за своите провизии, за полнење на бисаѓите и за своите бизниси, отколку за здравјето и благосостојбата на сопствените граѓани. Резултатот го гледате во сите статистики за бројот на прекумерни смртни случаи каде што Македонија е бесславен лидер, и тоа не само европски туку и глобален лидер.

Што се случи во изминатава година и половина?

На почетокот на 2020 година, светот зачекори во темнината. Замелушено од децениите без поголеми воени глобални воени судири, хроничен глад, страдање или избувнување на заразни болештини, а осоколено од сите нови технолошки пробиви во превозот, комуникациите, здравството и, воопшто, квалитетот на живеењето, човештвото се подзанесе дека е на прагот да ја победи природата.

„Веќе е роден човекот што ќе живее вечно“, тврдеше футуристот Реј Курцвејл, а бизнис-могулите на 21 век од Волстрит и од Силиконската Долина инвестираа во мали зафатни бизниси од областа на медицината, кои требаше да измислат „волшебни“ течности или прашоци за победа на стареењето.

И токму во оваа ера, кога го победувавме стареењето, теоретизиравме за четвртата индустриска револуција, веќе ја населувавме вселената и ламентиравме како роботите и алгоритмите ќе ни ги украдат сите работни места, природата нè потсети колку сме немоќни пред нејзините законитости со избувнувањето на пандемијата предизвикана од еден обичен вирус, токму онаа микроскопска честичка што се наоѓа на преминот помеѓу неживиот и живиот свет.

Како и при избувнувањето на секоја криза, човештвото се обедини околу власта и институциите, а најголемите надежи беа проектирани кон оние што во тој момент го држеа националното знаме во раката. Тогаш македонскиот бајрак цврсто го фати во рацете Венко Филипче и го поведе македонското здравство во битка против вирусот.

Нормално, смелоста и преземањето одговорност беа почетно наградени со растечка популарност, меѓу другото и затоа што еден лекар, припадник на најблагородната професија во светот, го предводеше бојот на Македонците против коронавирусот.

За жал, тука веднаш влета Зоран Заев, кој препозна шанса за своја лична рехабилитација пред македонскиот народ и пред македонската историја за дебаклот со „Северна…“, па отиде целиот потфат во ендек, однесувајќи ја и новостекнатата популарност на Венко Филипче во политичкиот понор.

Одговорен премиер, решен храбро и смело да го предводи својот народ низ немирните води на историјата, ќе го препознаеше моментот за обединување. При војна, пандемија, глад, посериозна елементарна непогода или кое било друго изместување од нормалните текови на животот, токму носителот на најголемата политичка одговорност, претседателот или премиерот, треба да подаде рака кон сите политички сили во земјата и да ги обедини во заеднички фронт за справување со кризата”, пишува Боцевски до Јавноста нинџа да прочита и Филипче.

Целата колумна овде