„Ниту ‘А’ нема да остане од нашето албанство на Балканот без нашите стратегиски сојузници“ се вели во колумната која ја објавува екс совет ик на премиерите Заев и Бучковски.
Универзитетскиот професор и политички аналитичар Мерсел Билали во својата колумна под наслов „Албанците сами против себе“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА изнесува тврдења дека „албанското политичко организирање на Балканот, вклучувајќи и во Македонија, се одликува со болна алчност за власт, пари и криминал“, при што не се води сметка за „егзодусот на населението од подрачјата каде што живее“.
Билали пишува: „Албанското политичко организирање на Балканот во целина земено отсекогаш следело, а и сега продолжува да следи потреба, индивидуална и групна, да поседува власт по секоја цена, дури и по цена да ја загуби државата или народот во неа. Во текот на 30-те години на плурализмот протеравме околу 40 проценти од нашето население, особено во Македонија!“
„Многу нешта од идеалите, приоритетите и нашите патриотизми завршуваат со болната алчност за власт, пари и криминал!“ – вели авторот на колумната и во ваков контекст го споменува „Сали Бериша во својство на апсолутен владетел на Албанија, кој со своето семејство се товари за тежок криминал – пљачки преку пирамидални штедилници, создавања ‘црни семејни профити’ и други активности“.
Се укажува и на „нетранспарентните трошења толку многу пари на Косово за реализирање проекти државни и народни, одбегнувајќи јавна дебата и одговорност околу тоа, така што долгорочно се одгледува култура на крадење и прекумерна клептократија“.
Што се однесува поодделно до албанското политичко организирање во Македонија, Мерсел Билали вели дека „главната насоченост на албанскиот дел на власта се само групните интереси, додека опозицијата продолжува да плови без никаков компас“ и дополнува:
„Корупцијата и организираниот криминал се чини долго време ќе биде идеал и принципиелна преокупација на албанското политичко организирање во Македонија. Се случува кадровска катастрофа и насилство врз системот на меритократијата, според заслугите, како основна развојна вредност.“
Мерсел Билали укажува: „Со ваков ментален код загубата на народот е најтрагична колатерална штета. Не се обрнува внимание на просторниот елемент при креирањето на политиките. Позитивните исклучоци, со право, се поврзуваат со заслугите на нашите стратегиски сојузници, без кои нема да остане на Балканот ниту ‘А’ од нашето албанство.“
Тврдејќи дека во „источниот дел на Македонија се реализираат многу повеќе инфраструктурни проекти отколку во западниот дел“, овој аналитичар смета: „Овој албански естаблишмент не знае, ниту ќе знае како се реализира економија на развојот, а опозицијата уште помалку знае!“
Наспроти зачестените тврдења на низа други аналитичари и експерти од албанскиот етникум дека уделот на Албанците во вкупната демографска структура на населението во Македонија веќе надминал 40 проценти, или достигнал дури и до 50 проценти, и покрај тоа што попис се уште не е спроведен, во заклучокот на својата колумна Мерсел Билали посочува на состојби на конкретниот терен, кои говорат за една сосема поинаква ситуација: „На Албанците ќе им треба уште време да ги научат внатрешните основни правила на демократијата. Се дотогаш некои региони ќе останат без Албанци. Видете што се случува со егзодусот во регионот на Струга, Кичево, на Куманово и Тетово и Гостивар. Населението е таму речиси преполовено. И најмногу бегаат младите.“
Извор: https://ina-online.net/shqiptaret-kunder-vetvetes/






