Ќе бидеме упорни и ќе настојуваме за Владата и надлежните институции да започнат со долгоочекуваната енергетска транзиција преку инвестиции во одржливо користење на обновливите извори, вели Елена Николовска, програмски координатор во Еко-свест – Центар за истражување и информирање за животната средина.
Постои ли решение за енергетската криза, а воедно и за намалување на енормното загадување? Кои се вашите препораки до надлежните институции?
-Решенија има, само ако има волја од надлежните институции за системско справување и воедно, намалување на последиците. Пред сè е потребна поголема транспарентност од Владата и институциите во однос на начинот на справување со енергетската криза, како и јавно достапни информации за следење на степенот на загадување и мерките што се преземаат во дадениот момент. Дополнително, свесни сме дека се носат многу стратегии и планови, но често сето тоа останува само на хартија, а без примена од страна на институциите. Пример за тоа е и зелената агенда, за што не е ништо направено. Токму затоа и ние како Еко-свест упорно апелираме дека мора итно да започнеме да работиме на енергетска трансформација, на искористување на капацитетите што ги има оваа земја, искористување на 280 сончеви денови, како и искористување на деградираните објекти и земјишта за поставување на фотоволтаици. Ова е проект на кој работевме со МАНУ и очекуваме да влезе во некој од акциските планови на Владата. Секако дека и ова не се мерки коишто даваат резултати преку ноќ, но доколку почнеме со реализација веднаш, веќе за година-две би ги имале првите позитивни резултати како за граѓаните и државата, така и за животната средина. Во однос на мерки директно насочени кон граѓаните, потребно е државата да помогне со субвенции, а банките со ниско каматни стапки за поставување на инвертер клими и фотоволтаици како чекор кон долгорочно справување со загадувањето, а воедно и поддршка на веќе споменатата енергетска транзиција.
Учиме ли од грешките што како држава ги направивме во изминатите години во однос на енергетска независност и транзиција кон обновливи извори на енергија?
-Ние како држава генерално доцниме со преземање мерки и ова се покажа во многу наврати, следејќи ги примерите од ковид кризата, економската и енергетската криза. Додека дел од нашите соседи се насочуваат кон енергетска транзиција и искористување на обновливите извори на енергија како еколошки и пред сè економски одржливи за државата, ние денеска сè уште дебатираме за користење мазут како енергенс. Мора да учиме од грешките и да сфатиме дека е потребна итна енергетска транзиција сега. Тоа дополнително го наметнува прашањето и што со следната година и следната зима. Дали повторно ќе чекаме да започне грејната сезона за да разговараме за мерки како да го намалиме загадувањето и како да се заштитат граѓаните. Енергетската транзиција значи измена на законите и инвестирање во домашно производство на електрична енергија, отворање на работни места, транзиција кон зелена и одржлива економија, искористување на природните ресурси што ги имаме како држава, односно сонцето и ветерот и субвенционирање на домаќинствата кон овој модел. Како држава располагаме со експерти, меѓу кои и млади капацитети што ја знаат оваа проблематика, само треба некој да ги започне промените.
Постои ли слух и соработка од надлежните институции, Влада и министерства, за вашите барања?
-Во комуникација сме со Министерството за животна средина и она што е наша примарна цел е градење партнерство, а во исто време и да бидеме коректив онаму каде сметаме дека има неправилни постапувања или се потребни итни, забрзани мерки. Активно учествувавме во изработката на долгорочната стратегија и законот за климатска акција и Националниот план за енергија каде и во двата документи се потврдуваат заложбите за напуштање на фосилните горива како главен енергенс на државата. Во периодот што следи ќе бараме зачестени средби како со Министерството за животна средина и просторно планирање, така и со Владата, Министерството за економија, Собранието, локалните самоуправи и засегнатите институции со цел креирање на заедничка стратегија за намалување на загадувањето, поставување нови мерни станици онаму каде што ги нема и зголемен инспекциски надзор и казнување за загадувачите. Најважно од сè, сакаме да потенцираме дека ќе бидеме упорни и ќе настојуваме за Владата и надлежните институции да започнат со долгоочекуваната енергетска транзиција преку инвестиции во одржливо користење на обновливите извори. Само на овој начин можеме да разговараме за исполнување на ветувањата за зелена транзиција, исполнување на обврските кон ЕУ доколку сакаме да станеме дел од ЕУ, намалување на загадувањето и заштита на животната средина. И само преку имплементирање на овие мерки можеме да кажеме дека работите се менуваат, дека се грижиме за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина, но пред сè, дека учиме од лекциите.
Каква е ситуација со загадувањето во моментов? И дали овие параметри во споредба со изминативе години се променети и има подобрување или сепак се влошува состојбата?
-Со опаѓањето на температурите забележуваме зголемување на загадувањето на воздухот и ова го гледаме секојдневно од почетокот на ноември со надминување на дозволените вредности на загадувањето на воздухот во Скопје. Во изминатиот период исто така апелираме и за состојбата во којашто се доведени околу 30-40 проценти од граѓаните коишто живеат на работ на сиромаштија и се во ситуација да користат сè и сешто за да можат да ги затоплат своите домови. Ова е показател дека се потребни мерки на долг рок со решенија коишто ќе имаат помали последици по здравјето на граѓаните и по животната средина. Свесни сме дека економската и енергетската криза наложија многу промени во делувањето, но знаеме дека енергетската криза постои веќе две години и токму затоа имавме доволно време како држава да се подготвиме и реагираме одговорно и плански, а не ад хок како што е пример досега.
Дали е направена од вас како Центар за истражување и информирање за животната средина или од некоја друга релевантна институција анализа за точно и прецизно детектирање на изворите на загадување и што покажуваат податоците?
-Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, како индивидуално, така и во соработка со своите партнерски организации и мрежи, има изработено голем број анализи за главните загадувачи, за здравствените последици од нив, но и за степенот на спроведување на предвидените мерки и степенот на усогласеност со европската регулатива. Главен и најголем извор на загадување на национално ниво отсекогаш е производството на енергија од фосилни горива, а веднаш по него се големите индустриски капацитети. На пример, над 95% од емисиите на сулфур диоксид се емитувани од ТЕЦ Битола, ТЕЦ Осломеј и сега и ТЕЦ Неготино, а тие се разнесуваат низ целата земја. Локално, може да има случаи каде што загадувањето е доминантно од помали индустрии, домаќинства или транспорт. Во однос на здравствените последици, имаме анализа според која само термоелектраните предизвикуваат здравствени трошоци од над 20 милиони евра, што вклучуваат средства што се одлеваат од Фондот за здравство, изгубена продуктивност заради боледувања итн. Со ваквото огромно влијание, ние само преку загуби во буџетот и БДП ги имаме преплатено филтрите за електраните многу пати. За здравјето е особено „интересен“ и транспортот затоа што влијанијата се случуваат директно во регионот на секојдневно движење на луѓето и тоа најмногу во ниската зона каде што дишат децата. Бројот на автомобили секоја година се зголемува, а се зголемува и нивната просечна старост која што е веќе околу 20 години. Истовремено, сите инвестиции во јавен транспорт, како железница на национално ниво или брз автобуски превоз за градовите, како и подобрувањето на инфраструктурата за немоторизиран транспорт, се скоро целосно ставени на пауза.

Колкава и каква улога имаат граѓаните во зелената транзиција, евидентно е дека треба подигнување на свесноста но како и со што би го постигнале тоа?
-Како граѓаните, така и државата, институциите имаат своја улога во оваа зелена (енергетска) транзиција. Владата преку насочување кон обновливи извори на енергија, придонесувајќи кон стабилизирање на домашната економија, домашно производство на електрична енергија без притоа да зависиме од увоз, локален економски развој и отворање на нови работни места со тоа. Во исто време, Владата игра голема улога во доделување субвенции за граѓаните и енергетска транзиција на домаќинствата. Од друга страна пак, неопходна е едукација на населението за тоа што е зелена (енергетска) транзиција видовите на извори на енергија и нивно економично искористување, начинот на којшто ќе може да ги искористат субвенциите од државата и придобивките за граѓаните и буџетот на едно домаќинство или заедница на станари.






