20-те шишиња вотка што му ги испрати Путин на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони како роденденски подарок, ги прекршуваат европските санкции наметнати на Русија по нејзината инвазија на Украина. Ова го соопшти Европската комисија, објави „Ројтерс“.
Берлускони (86), чија партија Форца Италија се очекува да биде член на новата италијанска коалициска влада, предизвика контроверзии претходно оваа недела откако рече дека повторно е во контакт со Путин и неодамна разменил „љубезни писма“ со него.
„За роденден ми испрати 20 шишиња вотка и многу убаво писмо“, се пофалил Берлускони.
Според пакетот санкции на ЕУ договорен во април, забранет е увоз на жестоки пијалаци од Русија, вклучително и вотка, нагласи портпаролот на Комисијата, прецизирајќи дека не се прават исклучоци за подароци.
Џорџија Мелони, која се смета за следен премиер на Италија, упати остро предупредување до Берлускони дека ризикува да го загуби влијанието во идната влада поради неговото пријателство со Путин, откако таа самата зазеде силна про-НАТО и про-ЕУ став кон Русија за војната во Украина.
Во септември, Берлускони ја оправда руската инвазија, велејќи дека Путин бил „наведен“ да ја нападне Украина за да постави „пристојни луѓе“ на чело на Киев.







