Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, денеска не можеше да каже кога Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против ковид-19 ветени од ЕУ, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија, јавува МИА од Брисел.
Министрите за европски прашања денеска одржаа состанок во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ кој е закажан за 21 јануари, и разговараа, меѓу другото за кампањата на вакцинација во ЕУ. Самата ЕУ се соочува со внатрешни тензии поради неефикасна координација помеѓу земјите-членки во набавката на вакцините.
Шефчович рече дека ЕУ е „главен донатор“ на Ковакс системот, која има за цел да им помогне на земјите со пониски приходи да добијат вакцини за своето население.
„ЕУ ќе стори сѐ за Ковакс да донесе резултати“, изјавил Шефчович.





