ЕК: Албанија подготвена за прва меѓувладина конференција

Европската Комисија оцени дека Тирана е подготвена за првата меѓувладина конференција и ќе побара од земјите членки зелено светло, јави дописничката на МИА од Брисел.



По вчерашниот состанок на Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Албанија состанокот еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, порача дека Албанија ги исполнува сите ветувања и заложби и покрај вонредните услови во кои се наоѓа, пандемијата од Ковид-19 и земјотресот што ја погоди земјата претходно.

Албанија сепак ќе треба прво да го чека и исходот од претстојните парламентарни избори и да покаже дека ги интегрирала забелешките и препораките од релевантните меѓународни тела како ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската Комисија, посебно во делот на поткупот на гласачи.

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, ја пофали Албанија нарекувајќи ја „модел“ за другите земји во регионот, посебно во делот на усогласувањето на надворешната политика со таа на ЕУ, услов кој земјата целосно го исполнува, најави Борел.