Без оглед на резултатите од претстојните натпревари и од конечниот пласман во групата А, ракометарите на Вардар уште отсега имаат обезбедено учество во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Со одлука на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а поради неизвесноста дали и кога ќе се одиграат преостанатите редовни дуели од групната фаза и одложените поради коронавирусот, сите 16 тима добија автоматско учество во елиминациите.
Таму победникот од групата А ќе игра со осмопласираниот од групата Б, а другите осминафинални двојки ќе се формираат по принципот 2А – 7Б, 3А – 6Б, 4А – 5Б, 5А – 4Б, 6А – 3Б, 7А – 2Б и 8А – 1Б.
Победниците продолжуваат во четвртфиналето, од кое четирите најдобри екипи ќе играат на завршниот турнир на 12 и 13 јуни во Келн.
Досега двете првопласирани екипи од двете групи одеа автоматски во четвртфиналето, а двете последни го завршуваа настапот уште во групната фаза.
Според распоредот, следен настап на Вардар ќе биде дуелот со Пик Сегед на 14 февруари во Скопје, а до крајот на групната фаза треба да одигра дури осум средби.
Од досега одиграните шест двократниот европски шампион освои три бода и е последен во групата А, во која врвот го делат Кјељце и Флензбург со по 15 бода од 7 меча, а пред „црвено-црните“ се и Мешков Брест со 9 (10), Пари Сен Жермен со 8 (7), Порто со 8 (10), Пик Сегед со 4 (7) и Елверум со 4 (8).






