Едноминутен молк пред Канцеларија за врски на Грција на 11 август

Под мотото „Македонија памети“, Обединета македонска дијаспора (ОМД) повикува на собир пред Канцеларија за врски на Грција во Скопје на 11 август од 19:30 часот, каде што со палење свеќи и со едноминутен молк ќе им се оддаде почит „на жртвите на бруталноста на грчката држава од поделбата на историска Македонија во 1912-1913 година“.



„Не дозволувајте Грција да ја избрише нашата историја! Бидете дел од креирањето на нашата сопствена иднина“, се вели во прогласот на ОМД.

Најголемата организација на иселеници од Македонија во светот денеска ги повика и сите Македонци од САД и сите пријатели на Македонија да испратат писмо до сенаторите од нивните изборни единици со барање за поништување на Резолуцијата 602, со која се дава поддршка за Преспанскиот договор.

За ОМД, резолуцијата што до Сенатот ја поднесоа сенаторите Крис Марфи од Конектикат и Рон Џонсон од Висконсин е „навредлива за македонскиот народ и спротивна на долгогодишните принципи и политики на САД во поддршка на националното право на самоопределување“.

„Резолуцијата 602 на Сенатот тврди дека промената на името на државата би овозможило Македонија да стане земја-членка на НАТО и на ЕУ, што, всушност, не е загарантирано со договорот. Доколку Македонија би го променила своето име, договорот не нуди гаранција за полноправно членство во НАТО-алијансата. Успешноста на договорот не само што зависи од успешноста на референдумот во Македонија и од спроведувањето на уставните промени во земјата, туку и од успешната ратификација во грчкиот Парламент (каде што владее подеднакво незадоволство) и од ратификацијата од страна на сите членки на НАТО. Во прилог, големата аверзија за проширување на членството на ЕУ во наредната декада дополнително ја ревитализира можноста Македонија да стане нејзина следна земја-членка“, се вели во реакцијата на ОМД.