Македонските оператори денеска во периодот од 18 до 19,10 часот го прекинаа реемитувањето на сите ТВ-програми, освен на националниот сервис во знак на протест поради, како што велат, наметнатите неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
„…Доколку не се променат спорните измени на законската регулатива и Уредбата на Владата донесена на 29.5.2020, Ве известуваме дека од 8.8.2020 нема да бидеме во можност да реемитување ТВ програми преку нашата мрежа. Жалиме што сме принудени на ваков на чекор и се надеваме дека наскоро ќе се изнајде соодветно решение“ стои во соопштението што го емитуваа операторите.
Тие реагираат дека со Законот им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои тие само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програмите и авторските права, според нив, е во согласност со ЕУ стандардите и веќе е регулирано со закон.
Со Уредбата донесена во вонредната состојба која ја споменуваат, тие се жалат дека им се наметнува уште една обврска односно да ги пререгистрираат веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена.




