Едно општество за никаде – Пишува Роберт Димитриевски

Некоe си новопечено директорче станало на лева нога и решило да прави – реформа. Се рашетало по институцијата што со цел памет му ја дале на управување и, за да им покаже на вработените дека нема повеќе трте-мрте, помислило некого да дисциплинира. Се врткало, се шуткало и изборот паднал на – Гоце Делчев. Не, скраја било, не го сретнало (од оправдани причини), ама на тазе раководителчево му се присторило дека безецираниов за отстрел му се смее под мустаќи. „Он на мене?“, си рекло човечулево полно со себе и наредило да му го тргнат мустаќлијата од пред очи. „Ама, друже директоре, тоа е Гоце, слика од Гоце“, пробале да му објаснат, но овој морал да наметне авторитет, па им се развикал: „Ма, каков Гоце, бе? Знае ли тој кој сум јас?!“. И, го „реформирале“ Гоцета. На ѕидот повеќе не стоо.



Вака ли било или (малку) поинаку во Институтот за медицина на трудот во Чаир, кому му е гајле? Важно, новиот економски директор Азис Максутовиќ стана славен благодарејќи на алергологот и пулмолог Снежана Куч, која за неговиот „подвиг“ објави на Фејсбук. Уште неседнат во фотелјата, „реформаторов“ веднаш почна да се грижи за пациентите. На кои, тврди тој, им пречел – Гоце?! И овој, мртов-ладен, нареди да го ликвидираат. Вторпат по 1903.

Ако е и од (кадар на) ДУИ, многу е! Среде прославата на 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба и рововската битка за него во Мешовитата македонско-бугарска комисија за образовни и научни прашања, се дрзнаа да си поигруваат со најголемиот син на Македонија?! А со тоа и со чувствата на своите сограѓани Македонци.

Или се трудат да си го оправдаат новиот имиџ на „зелена“ партија со вакви „зелени“ потези, или до заевото „едно општество за сите“ им е колку до ланскиот снег. Ваков однос кон Делчев е тешка навреда не само кон мнозинскиот народ во оваа држава, туку и кон сите што се пронаоѓаат во неговата космополитска максима „јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Не е ли еден од тие народи и албанскиот?

Големината на еден раководител не е во функцијата што му е доверена, туку во сопствената содржина со која ја исполнил. Ако и му пречела на некој пациент сликата на Гоце, директоров можел да му објасни кој е Гоце и за што се залагале тој и неговите соборци, кои преку Крушевскиот манифест го повикале за заедничка борба муслиманското население, мислејќи и на Албанците.

Наместо да се истакнуваат ваквите допирни точки и да се негува тој дух на заедништво, на најубав можен начин манифестиран од фудбалската репрезентација на Македонија, некои ликови со неподнослива леснотија ги уриваат мостовите меѓу Македонците и Албанците. За да не се удават тие во немирните води под нив, најмалку што може ДУИ е да го осуди чинот на поранешниот советник на скопскиот ексградоначалник Петре Шилегов, да го смени од функцијата и да го повика на одговорност.