“Едно ѓубре помалку!” – Русковска доби расказ од прогонет од неа

Човек што беше обвинет од неа за тероризам напиша расказ за шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска која сега е суспендирана од државниот обвинител Љубомир Јовески.



Песната ја пишува Богдан Илиевски кому му се закануваше казна од дваесетина години затвор за наводен тероризам во случајот 27 април.

Со помош на многу стилски фигури преку литературен израз Илиевски раскажува како го замислува животот на Русковска која влезе во судир со власта која ја постави за шефица на обвинителстовото за организиран криминал.

“Се ближи 16 часот, време во кое порано Вилма “го почнуваше денот”. После неколку жолти, праќаше пораки до разни бараби дека ќе ги апси. Утредента не апсеше никој од нив, туку само оние кои барабите ќе и наредеа да ги апси. Како и секогаш во животот.

Утре денот ќе и почне порано. Кај 10 наутро. До кај 12 ќе биде спремна за праќање пораки. Но сега нема кому да ги праќа. И ќе продолжи со жолтите. Па лизгајќи се по тој пат повторно ќе наближи 16 часот, време во кое Вилма сега ќе го заврши денот.

Ќе се разбуди кај 20 часот, да се напие вода. Не повраќа речиси никогаш, не сака трудот да и оди низ вода. Осетлива е на темата, па и школката ја пушта да протече само еднаш во денот. Стиска на копчето за вода и излегува од тоалетот, за да не го слуша шуштењето и жуборот на водата која ги поведува сите фекалии кон канализацијата. Честопати и го сонува тој звук. Кога ќе го сонува, се буди испотена. И праќа порака на Катица: “Нема да завршам како тебе, нема… нема, слушаш, нема!”. Потоа легнува…

Ближи 9 часот. Време во кое порано ги бираше најскапите шапки за да ја фатат камерите во сиот гламур на злобниот, расипан, беден простотилак. Сега чита порака од Катица: “Па си пиела бе краво, ќео јајш стапо, те чекам каа ќе доеш тука да вииш како ќе те уапсам јас! Ќе те обрнам во умо каа плескавица на скара!”.

Ближи 10 часот. Става пудра врз алкохоличарските пори на испиеното лице. Се труди и со карминот. Промашува, но е упорна. Бира шапка и соодветна шарпа. Го отвора фрижидерот. На полицата најгоре има тегла со корнишони, путер и муфлосано сирење. На таа под неа пајажина, пиштол и црн лук.

“Ништо за мезе”, ќе си рече. “Повторно ќе мора да си ги јадам…”. Ја отвора долната вратничка од фрижидерот, во средната полица под купче замрзнати докази ја извлекува лозовата.

“Време е да почне денот”. Се слуша звук на замрзнато шише кое умира секој еден пат во рацете на олоши. Крцка капачето, шишето испушта душа. Се самоубива, па така мртво за неколку часа ќе оживее како франкештајн и ќе стане слово во пораките кои и овој ден нема да бидат пуштени.

И ќе наближи 16 часот. Време во кое Вилма ќе го заврши денот. Дотерана со скапа шапка и кармин, легната врз рацете прекрстени на масата во трпезарија.

А надвор, на улицата детски џагор од паркот пред зградата најавуваше весело попладне. Луѓе среќно итаа дома од работа, домаќини си зборуваа со кучињата додека шетаа, двајца соседи се договараа да одат на пиво. Чадеше скарата од блиската меана, се слушаа звуци на стакло и извикот “На здравје!”.

Светот радосно продолжи да живее. “Едно ѓубре помалку!” весело ќе извика локалниот комуналец кон својот колега откако ќе ја истресе зелената корпа во ѓубретарката. “Едно не е доволно, ама едно по едно колега” доаѓа како одговор. Си прават “да пукне” и продолжуваат со работа.

Сонцето сјае љубоморно гушкајќи ги зградите на Ленинова. Треперат со возбуда дрвјата милувани од пиркањето на ветрот. Момче и девојка заљубено го гледаат бебето во количката пред нив. Вилма сфаќа дека требало да стави пелена… “, пишува Илиевски кој пишува дека напишаното е Извадок од расказот “Се тече, ракија пече, обвинител се менува” од Видео Подградец.

Илиевски се шегува со именувањето на писателот Видое Подгорец кого премиерот Ковачевски го нарече Видео.