Еди Рама сака регион без граници!?

Албанскиот премиер Еди Рама е отворен за промена на границите меѓу претежно со Албанци населеното Косово и Србија.



„Тоа е природен процес”, вели тој во разговор за Ноје Цирхер Цајтунг и посочува дека границите на Косово кон Црна Гора и Македонија во изминатите години биле редефинирани.

 „Албанскиот премиер постојано провоцира со идеи за голема Албанија кои во Србија и на Западот не наидуваат на одушевување. Минатата година, на пример, Рама предложи Албанија и Косово да имаат заеднички претседател“, потсетува швајцарскиот весник.

Претходно гласно размислуваше за Албанска Унија во која Албанците од Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија би можеле да се обединат.

Во секојдневието Албанците навистина се поврзаа и преку границите. Како најнов меѓуграничен проект засега се разговара за олеснување на граничните контроли меѓу двете соседни земји. Според косовскиот дневен весник „Коха Диторе” договорот за укинување на граничната контрола меѓу Косово и Албанија е веќе готов. Кога ќе се спроведе во пракса, Рама се уште не кажува:„Научив дека не треба да кажувам конкретни датуми”. Тој сепак се надева дека проектот ќе се реализира уште годинава.

Тој нема да се однесува само на границата со Косово: „Сакаме целиот регион да биде без граници, исто како Шенгенскиот модел,” вели тој. Сето ова се спроведува во светло на процесот на приближување кон ЕУ.

Иницијативата за олеснување на граничните контроли затоа тој ја опишува како „проактивна мерка за иднината”, пишува швајцарскиот весник.

Извор: „Дојче веле“