Албанскиот премиер Еди Рама оценува дека Москва подгрева конфликт на Балканот и го загрозува кревкиот мир, додавајќи дека „Русија би била задоволна доколку нешто почне во насока на конфликтот во регионот“.



„Дали сте слушнале колку пати Путин го спомнува Косово во своите говори? Постојано повторува: „Косово, Косово, Косово“. Шефот на Кремљ го поттикнува најболниот од сите нерешени проблеми на Балканот и прави сѐ за да запали нов фитил, изјави Рама во интервју за германски „Дер шпигел“.

Тој вели дека жителите на регионот се поделени на оние кои се против Путин и оние кои го поддржуваат, но оти во Србија „симпатиите за Москва се силни“ а во „Република Српска тие се многу силни“.

„Осумдесет проценти од православните Срби имаат позитивно мислење за Путин. Во Албанија, од друга страна, според анкета спроведена од Владата, поддршката за Путин е 0,7 отсто, истакна Рама.

Запрашан за независноста на Косово, признаена од повеќе од сто држави, Рама посочи дека „одлуката за независноста за Косово е правилна …сега постои и процес на мир и помирување, дури иако тој процес ќе трае долго, додаде Рама.