Албанскиот премиер Еди Рама на прашање дали ќе ја напушти кинеската инцијатива „17+1“, како што тоа го побара претседателот Доналд Трамп, рече дека САД, Белата куќа и американскиот претседател се цврста референтна точка за Албанија и дека се надева дека тоа е така за сите кои се на државнички позиции.
„Што се однесува до конкретните потези, тоа е наш проблем“, рече Рама.
„Имајќи предвид дека е наш проблем, кон тоа се однесуваме многу внимателно и одлучуваме во вистинско време, секогаш во функција на стратегиските интереси на Албанија, не заборавајќи дека сме стратегиски сојузник на САД и ЕУ. И во нашата надворешна политика, повторувам, усогласени сме со ЕУ“, кажа Рама.
Во писмото кое Трамп на 1 октомври му го испрати на премиерот на Албанија, а кое Рама го објави на својот фејсбук профил, Трамп му се заблагодарува на Рама на „лидерството на Албанија на Балканот и низ Европа во разоткривањето на малигното влијание на Кина, газењето на човековите права и предаторските пракси на давање кредити“.
„Ме радува и силната улога на Албанија во иницијативата „Три мориња“ – транспарентна, заснована на пазарот и фер алтернатива на кинескиот формат „17+1“, од кој ве поттикнувам да излезете“, препорачал Трамп во писмото.
Кинеската иницијатива „17+1“, која до придружувањето на Грција беше „16+1“, е воспоставена во 2012 година на иницијатива на кинеската влада, за „унапредување на бизнис и инвестициските односи во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“.
Во кинеската иницијатива се Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Укнгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка.
Областите на соработка се трговијата и инвестициите, поврзаноста, финансиите, земјоделството, науката и технологијата, здравството, културата, односите меѓу народите.





