Еден уапсен за поткуп со списоци на 250 Роми, шеф на “Франкфурт мафија” во бегство

Велешката полиција во текот на вчерашниот ден извршила претрес во домот 35-годишниот А.М. за кој постои сомнение дека извршил кривично дело поткуп при избори и гласање.



Како што информира на Фејсбук техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кај 35-годишникот пронајдени биле и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови на кои рачно имало напишано список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви.

„На списоците имало име и презиме и матичен број од лица од ромска националност кои би гласале за политичка партија, а за возврат би добиле финансиски средства“, посочува Чулев кој во објавата додава дека ваквите насоки на лицето му биле дадени пред околу една недела, а за реализација на истите му била ветена материјална корист.

Од страна на СВР Велес во координација со ОЈО Велес се преземаат дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, како и утврдување на евентуалната вмешаност на други лица, по што ќе следи соодветна кривична пријава.

Еден од луѓето посочени за поврзаност со обидот за поткуп на гласачи е некогашен шеф на таканаречената криминална група “Франкфурт мафија” кој е во бегство.