Победата на македонските фудбалери од 2:0 во Лихтенштајн синоќа во Лига на нации, колку што е значајна од спортски аспект, толку има и историска важност, што го потврдува кадарот од американската спортска телевизија „Унивисион депортес“ на шпански јазик, специјализирана за фудбал.



На сликата e моментот пред велемајсторскиот погодок на Енис Барди од слободен удар. Кадарот во заднина ги има фатено и старото и сегашното државно знаме на Македонија, како и транспарентот „Ние сме Македонија“ на истоименото глобално движење, а на телопот е испишано уставното име на македонската држава, покрај напомената дека нејзината репрезентација нема пораз во 11 од последните 12 натпревари.

Спортското значење на триумфот и во реваншот со Лихтенштајн се состои во доближувањето само на еден бод до пласманот во повисокото ниво Ц од новото натпреварување на УЕФА и до разигрувањето за единственото место од сегментот Д што води на Европско првенство.

Историската важност, пак, е во фактот дека ова е еден од можеби последните настапи на националниот фудбалски тим со сегашното име на државата, бидејќи ако целосно биде имплементиран Преспански договор „црвено-жолтите“ веќе в година ќе играат како Северна Македонија. Згора, македонските навивачи во иднина можат да очекуваат проблеми со користењето на знамето со сонцето од Кутлеш, со оглед на членот 8 од договорот од Нивици, во кој се вели дека „Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија“.